Saturday, October 30, 2010

Од 2011 - Златен фонд и во Македонија!

Според Александар Манев, извршен директор на "Илирика Фонд", се разработува идејата за формирање на златен фонд со цел инвестициите да бидат заштитени, иако македонските граѓани многу малку се информирани за овој вид вложувања

Домашните вложувачи од идната година ќе имаат можност да ги прошират своите вложувања во нови инвестиции кои главно ќе бидат во злато, бидејќи светските анализи покажуваат дека цената на овој благороден метал во континуитет расте. Златото е единствениот метал што ја задржа својата вредност последниве 700 години, а тоа, според експертите, е особено важно кога големите валути ја губат својата куповна моќ, а економската активност заради светската криза слабее. На светските берзи златото претставува осигурување на хартиите од вредност и берзанските индекси.
Александар Манев, извршен директор на "Илирика Фонд", вели дека и кај нас се разработува идејата за формирање на златен фонд (Илирика голд), но во моментов законската регулатива се уште не е прилагодена, а и македонските граѓани многу малку се информирани за овој вид вложувања.
-Во текот на летниот период спроведовме анкета преку која ги информиравме граѓаните дека во Загреб веќе е отворен инвестициски фонд во кој вложувањата се во злато - објаснува Манев и додава дека, за жал, многу мал бил одѕивот на анкетираните кои можеле да се јавуваат на бесплатен телефонски број, или на меил-адреса и да ги остават своите одговори на оваа тема.
Во "Илирика Фонд" укажуваат дека парите се повеќе ја губат вредноста, а нивната алтернатива секогаш било златото. Според нив, златото не се печати, количините се ограничени, а инвестициската логика е дека парите стануваат се помалку вредни, па според тоа, по автоматизам, расте цената на златото.
Во земјите од регионов, како што се Хрватска и Србија, од неодамна веќе се отворени вакви фондови, додека во Словенија и останатите европски земји веќе подолго време успешно егзистираат на пазарот на капитал. Ваквите фондови се во тесна врска со акциите и обврзниците, бидејќи како што објаснуваат експертите, вредноста на златото е стабилна и не осцилира во однос на другите пакети на инвестиции. Тие сметаат дека инвеститорите во овие несигурни времиња не се подготвени да ризикуваат и бараат сигурни гаранции.
Иван Ивин, претседател на Управниот одбор на "Илирика Инвестментс", укажа дека со отворањето на "Илирика голд", Хрватите имаат можност инвестициите да ги вложуваат во вредноста на златото, како и рудниците за злато, што е посигурна варијанта кога валутите осцилираат и светот излегува од светската криза.
-Фондот е наменет за оние кои и во услови на рецесија гледаат перспектива во инвестирањето и развојот на пазарот на капитал - изјавил Ивин за Слободна Далмација.
Во периодот од 1920 до 1980 година акциите на злато претставувале околу 25 проценти од вкупната глобална сопственост, а денес златните акции се едвај еден отсто од глобалната сопственост. 

Saturday, October 16, 2010

Инвестициските фондови засега не се конкуренти на банките

Стратегијата да се вложува во инвестициски фондови овозможува заработувачка на долг рок, но неколку години откако постојат, инвестициските фондови во Македонија засега не успеваат да се наметнат како конкуренти на банките и да привлечат дел од слободните пари на граѓаните.
Иако последните две години, според податоците остваруваат просечно повисоки приноси од банкарските камати.
„Овие проектирани приноси од 10 од 12 или 14 проценти, со само 500 евра на годишно ниво инвестирани средства за период од 10, 15 или 20 години кој во финансиите не е воопшто долг период, можат да дојдат до атрактивни износи, притоа имајќи ги бенефициите од сите светски случувања“, изјави Александар Манев, Илирика.
Менталитетот во Македонија е друг во споредба со земјите од регионот, каде луѓето одамна вложуваат во инвестициски фондови.
Концептот на инвестициските фондови е граѓаните да насочат дел од своите слободни пари во инвестиции кон брзо растечките земји - Бразил, Русија, Кина и да имаат определена добивка од вложувањето.

Thursday, October 14, 2010

За поголема добивка - поголем ризик

Дали да се избере посигурно штедење во банка или парите да се вложат во инвестициски фондови, кои можат да ви донесат добра заработка?

Оваа дилема си ја поставуваат македонските граѓани, но се' уште не се начисто и затоа повеќето парите ги чуваат в банка.

Најдобро е кога човек има пари, еден дел да депонира во банка, а со другиот дел да игра индивидуално на Македонска берза или преку инвестициските фондови на странските берзи. Всушност, ако Македонците дојдат до вишок пари прво на што помислуваат е да ги стават в банка или да купат недвижен имот - стан, куќа, дуќан, земја, а акциите се на трето место.

На инвестирањето во хартии од вредност секогаш се гледа како на нешто што носи голем ризик, а не како на можност да се заработи. Според македонскиот ментален склоп, за штедењето во банка нема дилема дека е најсигурно.

Во соработка со Стопанска банка и инвестицискиот фонд „Илирика“, „Утрински весник“ анализираше колкава е добивката доколку се штеди во банка, а колкава ако се купат удели во инвестициските фондови, кои потоа инвестираат во странски компании од типот златни рудници, нафтени гиганти, авиобрендови и автомобилски марки.

Направивме анализа за сума од 50.000 евра. Ако се депонираат во банка како девизен депозит, за камата од 5,4 отсто, орочени на една година, по истекот на таа година би добиле принос од камати во вредност од речиси 2.700 евра, а доколку штедите во денари, добивката е двојно поголема или 4.400 евра, бидејќи и каматата е значително повисока и изнесува 8,8 проценти.

Кај вложувањата во инвестициските фондови ризикот е поголем, па се' зависи од растот и од падот на цените на акциите на светските берзи. Ако, на пример, сте вложиле 50.000 евра на 6 октомври 2009 година, кога вредноста на уделот била 53,69 денари, а сте решиле да ги подигнете парите на 6 октомври годинава, кога еден удел изнесувал 60,85 денари, заработката би била 3.700 евра, или 7,38 отсто. Тоа и не е некоја голема разлика со штедењето во банка. Поинаква е пресметката ако се земел периодот од 3 март 2009 година до 3 март 2010 година. Тогаш заработката била многу поголема или 20.500 евра, односно 41,5 отсто.

Банкарите велат дека кај нив лежи сигурноста. „Банките нудат бројни опции за штедачите со гарантирани приходи од камати. Самото тоа ги прави поатрактивни од поризичните инвестиции во хартии од вредност. Дополнително, државата гарантира за сите депозити до 10.000 евра, или 90 отсто до 20.000 евра, а наскоро се планира да се воведе законот за гаранција на депозитите до 30.000 евра, што е од големо значење за штедачите, но и за банките“, велат од Стопанска банка.

Од инвестициските фондови уверуваат дека тие прават дисперзија на ризикот, со тоа што парите ги вложуваат не во една, туку во повеќе и во сигурни светски компании. „Секој ден инвеститорот добива извештај за вредноста на уделот, а еднаш месечно добива извештај за тоа во кои компании се инвестирани неговите пари, во кои земји, на кои берзи, во која вредност. Инвестирањето секогаш е поврзано со одреден степен на ризик, или неможност да му се оствари планираниот принос на клиентот. Фондот го гарантира бројот на уделите, а не и вредноста. Сигурноста ја гледаме во тоа што го дисперзираме ризикот, инвестирајќи во повеќе светски компании, а не во една. Исто така, клиентот може да си ги подигне парите кога сака“, објаснува Александар Манев од „Илирика“. Според него, станува збор за словенечки фонд, кој одлуките за инвестирање ги носи по опсежна анализа. Од „Илирика“ порачуваат дека секој што ќе се реши да ги вложи парите во фонд треба на нив да гледа како на инвестиција на долг рок, на пример, од три до пет години. Тие советуваат клиентите одеднаш да не вложуваат големи суми, туку по 500 евра месечно, на пример, односно за нив најважен е континуитетот во инвестирањето.

Во изминативе неколку месеци се забележителни кампањите и на банките и на инвестициските фондови. Банките се борат да го одржат депозитниот потенцијал, кој им е многу важен и од кој зависи нивото на кредитирање, а инвестициските фондови се борат за поголем колач на пазарот. Во реалноста сликата покажува драстични разлики.

Конкретно, во македонските банки има вкупно штедни влогови од три милијарди евра, од кои околу две милијарди евра се на граѓаните, или во просек секој Македонец во банка има нешто повеќе од илјада евра. Фондовската индустрија во земјава моментно тежи 2,3 милиони евра, што претставува исклучително мал процент, или едно евро на глава на жител. За разлика од нас, секој Словенец во банка има две илјади евра, но во фондови вложил 1.100 евра. Во Австрија, пак, многу малку се чуваат пари во банка, па секој Австриец во банка чува само четири илјади евра, а во фондови вложува по 17 илјади евра. Според податоците, во просек на долг рок, вложувањата во инвестициските фондови секогаш носат најатрактивен принос. Статистиката зборува дека во последните 100 години приносите на инвестициските фондови се движат од 12 до 16 отсто.

Моментно за инвеститорите се интересни берзите во Бразил, Русија, Кина и во Индија.
Споредба
Девизен депозит 50.000 евра

Камата 5,40 отсто

Ороченост 1 година принос од камата 2.691 евро


Денарски депозит 3.075.000 денари,

или 50.000 евра

Камата 8,85 отсто

Ороченост 1 година принос од камата 271.876 денари,

или 4.425 евра

Извор - Стопанска банка калкулација со депозит 12-13


Удел во инвестициски фонд 50.000 евра

вредност на еден удел на 6.10.2009 г 56,66 денари

вредност на еден удел на 6.10.2010 г 60,85 денари

Заработка 7,38 отсто

Добивка за 1 година 3.692 евра

Извор - инвестициски фонд „Илирика“


Штедните влогови во банките сега се загарантирани до 20.000 евра, а од 1 јануари до 30.000 евра

Во инвестициските фондови се гарантира само бројот на уделите, но не и вредноста
Потребно е време за фондовите
Според професорот Владимир Филиповски, во финансиското инвестирање логиката е дека колку финансискиот инструмент е поризичен, инвеститорите очекуваат повисок принос за да инвестираат во него. „Историските податоци за развиените економии го потврдуваат фактот дека повисоките приноси одат заедно со повисок ризик. На пример, просечните приноси на индексите на акции се повисоки од приносите на банкарските депозити, но и степенот на флуктуирање на вредноста на индексите е повисок од промените на реалните депозитни стапки. Историјата на нашите инвестициони фондови е многу кратка. Можеби ќе биде потребно да помине еден комплетен економски циклус за да се оцени колкав дополнителен принос можат да остварат фондовите, како компензација за дополнителниот ризик“, смета професорот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Владимир Филиповски.

Wednesday, October 13, 2010

Инвестициските фондови побрзо ги дуплираат парите

„Ако земеме на долг рок со просечна банкарска камата од депозит во евра од четири проценти, потребни се 18 години за парите на луѓето да се дуплираат. Искуството покажува дека во инвестициски фонд за дуплирање на парите се потребни само шест години“, рече Александар Манев, Илирика.
Илирика инвестира во различни акции од вредност, на тој начин дисперзирајќи го ризикот. Се инвестира и во компании кои се занимаваат со злато и нафта чии цени на светските берзи растат.
„Вложувањата се во повеќе сектори. Во секторот материјали, во секторот финансии, има и дел насочен кон благородните метали, меѓутоа во принцип, она во што ние веруваме во моментов е дека акциите се најпотценет финансиски инструмент на светските берзи“, изјави Коста Костадиновски, Илирика.
Македонците тешко се решаваат дел од своите слободни пари преку светските берзи да ги вложуваат во реномирани компании, со што на долг рок би имале заработка. Според информациите секој Македонец во банка има повеќе од илјада евра, а во инвестициски фондови вложил само едно евро.
За разлика од кај нас, секој словенец во банка има 2 илјади евра, но во фондови вложил 1100 евра. Во Австрија пак многу малку се чуваат пари во банка, секој Австриец чува само 4 илјади евра, а вложува во фондови по 17 илјади евра.
Според податоците, во просек на долг рок, вложувањата во инвестициските фондови секогаш носат најатрактивен принос.
Статистиката зборува дека во последните 100 години приносите на инвестициските фондови се движат од 12 до 16%.

Friday, October 8, 2010

Вложувањата во инвестициските фондови исплатлива опција

Според информациите, инвестицискиот фонд „Илирика“ инвестира во просек во повеќе од 30 различни акции од вредност, што пак значи дека се прави широка дисперзија на ризикот. Јасен е и законот доколку вложувачот реши да се повлече.
Отворен инвестициски фонд претставува посебен имот, без својство на правно лице, чии сопственици на удели имаат право на сразмерен дел од добивката на фондот и во секое време имаат право да побараат исплата на уделот, со што ќе истапат од фондот, пиува во законот за инвестициски фондови.
Според податоците, приносите од акциите не се секогаш еднакви. Некоја година се повисоки, некогаш пониски, а може да бидат и негативни. Но, во просек на долг рок секогаш носат најатрактивен принос.
„Малку поголем хендикеп е што тие се појавија во Македонија многу доцна, за разлика од другите земји во транзиција каде што во раните деведесети години инвестициските фондови зазедоа прилично голем дел во тргувањето на берзата“, рече на 14 септември 2010, Горан Петревски, универзитетски професор.
Статистички гледано во изминативе 100 години приносите на инвестициските фондови се движат од 12 до 16%.

Thursday, October 7, 2010

И јас сакам акции во „Кока-Кола“

Сакам да купам акции во „Кока-Кола“, „Мекдоналдс“, „Џенерал моторс“, ама не може. Тоа кај нас не го дозволува Законот за девизно работење, се жалат македонските граѓани. И додека тие можат да купуваат станови и куќи во странство, се' уште не можат да инвестираат на странските берзи, купувајќи акции во светските брендови, за разлика од соседите кои во последниов период навалија на светските берзи и таму си ја бараат среќата за добра заработувачка. 

Кај нас единствен прозорец кон светските берзи засега се инвестициските фондови. Само преку нив домашните инвеститори можат своите пари да ги оплодат со вложување во акции на светските берзи. Но, доколку купите удели во фондовите вие не одлучувате и каде ќе се инвестираат вашите пари, бидејќи инвестициската политика ја кројат самите фондови. Моментно берзите во Бразил, Русија, Кина и во Индија се цел за оплодување на парите. Поконкретно, руските и австралиските златни рудници се пикирани како најдоходовни. 

Од фондовите велат дека овие вложувања даваат резултати и дека во последниве две години тие се извор на поголеми добивки, а не берзите во САД или во Европа. Инвестирањето во компании, како што се „Кока-Кола“, „Мекдоналдс“ не е предизвик за фондовите, бидејќи станувало збор за стабилни, а не за брзорастечки акции, кои носат принос само преку дивиденда. „Самите фондови ја креираат инвестициската политика. Сепак, клиентите добиваат извештаи каде им се вложени парите. Моментно инвестираме на берзите во Бразил, Русија, Индија, Кина. Се купуваат акции од компании, како што се кинеската авиокомпанија ’Ер Чајна‘, индиската ’Тата моторс‘, која е позната по производството на најмалиот и на најевтиниот автомобил, рускиот рудник за злато ’Полиос голд‘, како и австралискиот златен рудник ’БХП Билитон‘. Овие вложувања носат добри резултати. Лани на инвеститорите им исплативме добивка од 30 отсто, а годинава засега добивката изнесува10 проценти“, објаснува Александар Манев од инвестицискиот фонд „Илирика“. 

Фондовската индустрија во земјава моментно тежи 2,3 милиони евра, што претставува исклучително мал процент, или едно евро на глава на жител. Поради тоа, фондовите се подготвуваат да нудат и други производи, како што е, на пример, полиси за животно осигурување, со што ќе се обидат да ги привлечат граѓаните да штедат, но и да заработат инвестирајќи ги парите во фондовите. 

Експертите сметаат дека државата треба да работи и на измените на Законот за девизно работење, бидејќи сега на овој начин со сила се спречува инвестирањето надвор. Со овој закон навидум се спречува одливот на девизи, но има еден куп други начини со кои се стимулира, како што е, на пример, актуелниот увоз на половни автомобили, со кој на големо се одлеваат девизи. Според експертите, многу е подобро одливот на девизи да оди за инвестиции, отколку за стари возила.

„Мора да се работи на измени на Законот за девизно работење, од едноставна причина што не е добро да им се забрани на домашните инвеститори да отвораат сметки надвор од државата, со цел купување хартии од вредност на странските берзи. Во ваков случај инвеститорите се доведени во ситуација единствено тоа да го прават преку инвестициските фондови“, вели берзанскиот аналитичар Крсте Шајновски. 

Законот за девизно работење ќе мора да се менува во согласност со договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, но во Министерството за финансии вчера немаше кого да прашаме за да соопшти дали воопшто се работи на овие измени и кога ќе се случи тоа. 

Од брокерската куќа „Ауктор и Хит“, која е основана во земјава со хрватски капитал, ги потврдуваат информациите дека во Загреб има една блага еуфорија за инвестирање на странските берзи. „Но, ние вршиме операции само на Македонска берза. Само хрватските инвеститори можат да купуваат на Македонска берза, а македонските инвеститори на Загрепската не можат“, вели Петар Трпески. 

Инаку, деновиве излезе информација дека Хрватите повеќе играат на странски берзи, отколку на својата. Дури 60 проценти од парите вложувачите ги трошат во странство. Најинтересен е американскиот пазар, особено Наздак, ама не ги заобиколуваат и Њујоршка берза, како и берзите во Франкфурт, Париз, Лондон, па и Љубљана и Белград.

И додека Хрватите знаат точно од која компанија сакаат да купат акции, македонските брокери велат дека ние сме многу далеку од сето тоа. Според нив, домашните инвеститори не се едуцирани ниту за инвестирање на Македонска, а камоли на светските берзи. Но, дел од берзанските играчи, пак, велат дека овој став на брокерите не држи, бидејќи штом ќе се прошири информација каде што може добро да се заработи, сите веднаш стануваат експерти.